Спортските игри во организација на Синдикатот на финансиски организации на Македонија (СФОМ), традиционално по 22-ри пат на крајот на месец мај требаше да се одржат во Охрид.
Учесниците од вкупно 20 институции и компании кои се активни членки на СФОМ секоја година имаат можност да се натпреваруваат во категориите пикадо, куглање, пинг-понг, серва, шах, кошарка, фудбал, тенис, одбојка и стрелаштво.
“Претседателството на СФОМ со оглед на новонастанатата ситуација поврзана со корона вирусот и препораките за откажување на спортски и културно-уметнички манифестации донесе одлука Банкарските спортски игри планирани за 28-31 мај во Охрид да се откажат се додека не се создадат услови за одржување на истите” – вели Бобан Ристески, претседател на СФОМ.
Во текот на изминатата година освен спортскиот дел, заеднички од страна на сите присутни на голем видео бим беше проследен полуфиналниот натпревар во ракометната Лига на шампиони, каде Вардар со неверојатен пресврт ја совлада екипата на Барселона, победа која следниот ден ни донесе настап во големото финале и огромна радост откако Вардар по втор пат ја освои ракометната Лига на шампиони.